logo
logo
logo

Пред нападот врз Трамп, ВО ИСТИОТ ХОТЕЛ ИМАЛО АТЕНТАТ ВРЗ ДРУГ АМЕРИКАНСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ

Vecer | 26.04.2026

Пред нападот врз Трамп, ВО ИСТИОТ ХОТЕЛ ИМАЛО АТЕНТАТ ВРЗ ДРУГ АМЕРИКАНСКИ ПРЕТСЕДАТЕЛ

Во 1981 година, тогашниот американски претседател Роналд Реган беше ранет во обид за атентат во хотелот Хилтон во Вашингтон, каде што синоќа се случи пукање за време на гала вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа на која присуствуваше Доналд Трамп.

Реган го преживеа обидот за атентат што се случи на 30 март 1981 година, но беше сериозно ранет од куршум што рикошетираше од претседателската лимузина и му скрши ребро и му прободе еден од белите дробови, објавува Би-Би-Си.

Тој беше итно префрлен во блиската Универзитетска болница „Џорџ Вашингтон“, од каде беше отпуштен на 11 април.

Џон Хинкли Џуниор го застрела Реган додека се враќаше во својата лимузина по говорот во хотел.

Тогашниот портпарол на Белата куќа, Џејмс Брејди, беше ранет во истиот инцидент, како и агент на Тајната служба и локален полицаец.

Брејди претрпел оштетување на мозокот за време на инцидентот, а повредите го мачеле до крајот на животот и придонеле за неговата смрт во 2014 година.

Следната година, Хинкли бил прогласен за невин поради лудило, но бил задржан во високо обезбеден оддел во болницата „Света Елизабет“ во Вашингтон сè до неговото пуштање во 2016 година.

Плоча на ѕидот на хотелот сè уште го означува местото каде што бил застрелан Реган.

Доналд Трамп, заедно со другите присутни на гала вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа, бил евакуиран од хотелот Хилтон во Вашингтон синоќа, откако вооружен маж отворил оган на контролен пункт во лобито на тој хотел.

Човекот осомничен за отворање оган за време на вечерата бил идентификуван од полицијата како Кол Томас Ален, 31, магистер по технички науки кој живее во предградието на Лос Анџелес, Калифорнија.

Во 2017 година, Ален дипломирал на Калифорнискиот институт за технологија, познат како Калтех, каде што се стекнал со диплома за машински инженеринг и магистрирал по компјутерски науки минатата година.

Работел во компанијата C2 Education, каде што во декември 2024 година бил прогласен за „Наставник на месецот“. Истата година, тој донираше 25 долари за кампањата на Камала Харис преку ActBlue, политички комитет кој собира пари за демократите.

Полицијата верува дека Ален бил гостин во хотелот Вашингтон Хилтон, каде што се одржувала вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа.

Тој дошол на настанот вооружен со пушка, пиштол и ножеви, а потоа се обидел да се пробие низ безбедносната зона кон салата каде што биле Трамп, првата дама Меланија Трамп, потпретседателот Џ.Д. Венс, членови на кабинетот и други гости.

За време на пукањето, еден член на Тајната служба бил погоден во неговата заштитна опрема. Напаѓачот бил совладан, уапсен и однесен во болница.

Полицијата соопшти дека бил „вооружен со пушка, пиштол и неколку ножеви“ и дека осомничениот и полицајците „размениле оган“, при што еден член на безбедносните сили бил застрелан во заштитна опрема.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk