Членовите на Тајната служба прво го евакуираа потпретседателот Џ.Д. Венс за време на пукањето на вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа, а дури по некое време се вратија по американскиот претседател Доналд Трамп, кој се сопна и падна при неговото излегување.
Инцидентот се случи за време на драматичната евакуација од хотелот Хилтон во Вашингтон, откако вооружен човек отвори оган на безбедносен контролен пункт додека Трамп, првата дама Меланија Трамп, потпретседателот и членовите на кабинетот беа во објектот.
Тајната служба прво го евакуираше потпертседателот Венс
Како што може да се види на драматичното видео што кружи на интернет, агенти на Тајната служба го изведоа Венс од салата во првите моменти на хаос, додека Трамп остана во објектот некое време.
Дури потоа, обезбедувањето се врати да го земе американскиот претседател и го испрати до излезот во согласност со безбедносниот протокол.
За време на евакуацијата, според извештаите, Трамп се сопнал и паднал, но засега нема информации дека бил повреден во таа прилика.
Напаѓачот отворил оган претходно на контролниот пункт

Пукањето избувнало за време на гала вечерата на Здружението на дописници од Белата куќа, настан на кој Трамп присуствувал за прв пат во својот мандат.
Осомничениот вооружен напаѓач, идентификуван како Кол Томас Ален, претходно отворил оган на безбедносниот пункт на хотелот. Полицијата претходно објави дека бил вооружен со пушка, пиштол и неколку ножеви.
За време на размената на оган, еден член на Тајната служба бил погоден во неговата заштитна опрема и однесен во болница, додека напаѓачот бил совладан и уапсен.

Американските служби продолжуваат да истражуваат како осомничениот успеал да стигне до контролниот пункт и дали неговата цел била директен напад врз Трамп и врвните функционери на неговата администрација.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата