Политико
Европа вчера му испрати јасна порака на Доналд Трамп: нема да учествува во обезбедувањето на Ормускиот Теснец. Министрите за надворешни работи на 27 земји-членки се собраа во Брисел за да разговараат за повикот на американскиот претседател до европските земји да помогнат во обезбедувањето на клучниот воден пат, кој Иран го блокираше како одмазда за воздушните напади на САД и Израел.
По неколку часа разговори зад затворени врати, европските дипломати ја отфрлија идејата за проширување на поморската мисија на ЕУ „Аспидес“ и заклучија дека тоа е американски проблем што Вашингтон мора сам да го реши, пишува Политико.
Шефицата на европската дипломатија, Каја Калас, по состанокот изјави дека иако постои „јасна желба“ за зајакнување на поморската мисија на ЕУ на Блискиот Исток, „нема волја за промена на мандатот“ за испраќање воени бродови во теснецот.
„Европа нема интерес за бесконечна војна. Ова не е европска војна, но европските интереси се директно загрозени“, рече Калас.
„Земјите-членки не покажаа волја да го прошират мандатот на Ормускиот Теснец. Никој не сака активно да влезе во оваа војна“, повтори таа.
Притисокот и разочарувањето на Трамп
Трамп изјави за „Фајненшл тајмс“ за време на викендот дека би било „многу лошо за иднината на НАТО“ ако европските земји не одговорат на неговиот повик. Тој објави на социјалните мрежи дека е во контакт со седум земји во врска со обезбедувањето на теснецот, но не прецизираше за кои земји станува збор.
Вчера тој им рече на новинарите дека е убеден дека Франција ќе им помогне на САД.
„Мислам дека ќе помогне. Разговарав со него вчера“, рече американскиот претседател, осврнувајќи се на неговиот француски колега Емануел Макрон. Но, додаде, дека „не е задоволен“ од одговорот на Обединетото Кралство и дека е „многу изненаден“ откако премиерот Кир Стармер рече дека нема да биде вовлечен во „поширока војна“ околу Иран.
Иако Трамп инсистираше дека на Америка „не ѝ треба никој“ и дека тие се „најсилната нација во светот“, неговото барање беше тест за солидарноста во време кога блокадата на теснецот од страна на Иран ги зголемува цените на нафтата. „Со години велам дека тие нема да бидат таму ако некогаш ни требаат“, рече американскиот претседател.
Остри пораки од Берлин и Луксембург
„Американците, заедно со Израелците, го избраа овој пат“, рече германскиот министер за одбрана Борис Писториус, додавајќи дека главната одговорност на Германија е одбраната на територијата на НАТО. „Ние не ја започнавме оваа војна“, нагласи тој.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц, исто така, ја отфрли идејата за вклучување на Берлин во конфликтот, кој избувна откако САД и Израел започнаа напади врз Техеран на 28 февруари и го убија врховниот лидер на Иран.
„НАТО е одбранбен сојуз, а не интервенционистички. Затоа НАТО воопшто нема место тука“, рече Мерц, додавајќи со очигледна критика кон Трамп: „Се надевам дека во рамките на Алијансата ќе се однесуваме едни кон други со должно почитување“.
Вицепремиерот на Луксембург, Ксавиер Бетел, беше уште поостар, велејќи дека неговата земја нема да се согласи на „уцена“ од Вашингтон. „Не барајте од нас да ја испратиме војската“, им рече Бетел на новинарите во Брисел.
НАТО се држи настрана
Американскиот амбасадор во НАТО, Метју Витакер, го повтори повикот на Трамп, нагласувајќи дека безбедноста на Ормускиот Теснец е во интерес и на Европа, со оглед на увозот на нафта од регионот. „Трамп е апсолутно во право кога вели дека нашите сојузници треба да се заложат и да ни помогнат и да ги поддржат нашите напори“, додаде Витакер.
Ормускиот Теснец, низ кој минува околу една петтина од светската нафта, останува практично затворен поради иранските закани, поради што цената на барел нафта надмина 100 долари минатата недела.
Меѓутоа, целосна мисија на НАТО во Иран во моментов е малку веројатна, сметаат четворица дипломати од Алијансата кои разговараа со Политико под услов да останат анонимни. Тие веруваат дека таквата мисија нема да добие едногласна поддршка, а нејзиниот придонес би бил мал.
Двајца дипломати, исто така, потврдија дека САД сè уште официјално не побарале поддршка во рамките на Алијансата. „Некои сојузници едноставно нема да бидат наклонети да се вклучат. Освен тоа, тоа не е директна област на одговорност на НАТО“, рече еден од дипломатите.
Лидерите на ЕУ се состануваат на самит во четврток, а во првичниот нацрт-заклучоци што го виде Политико се вели дека ќе повикаат на „деескалација и максимална воздржаност“ во Иран и регионот како целина.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата