Европскиот парламент денеска усвои резолуција со која се осудуваат парламентарните избори одржани на 26 октомври во Грузија, земја кандидат за членство во ЕУ, бидејќи „тие не се ниту слободни ниту фер“, се вели во соопштението на институцијата.
Тие, исто така, повикаа ЕУ да воведе санкции за официјални лица и политички лидери „одговорни за назадување на демократијата, кршење на изборните закони и стандарди и злоупотреба на државните институции“ и да ја ограничи официјалната комуникација со грузиската влада.
Ова првенствено се однесува на премиерот Иракли Кобахиџе, градоначалникот на Тбилиси и генералниот секретар на владејачката партија Грузиски сон Каха Каладзе, претседателот на грузискиот парламент Шалва Папуашвили и поранешниот премиер и олигарх Бидзин Иванишвили.
Тие сметаат дека владејачката партија Грузиски сон е директно одговорна за колапсот на демократијата во земјата. Тие додадоа дека резултатите што ги објави Централната изборна комисија не ја претставуваат волјата на грузискиот народ.
-Пратениците на Европскиот парламент ги осудуваат бројните и сериозни изборни прекршувања, вклучително и документирани случаи на заплашување гласачи, манипулација со гласовите, мешање во работата на набљудувачите и медиумите, додаваат тие.
Тие побараа повторување на изборите во рок од една година под „темелен меѓународен надзор“ што ќе ги организира независна изборна администрација.
Парламентот, исто така, остро го осуди „систематското мешање на Русија во демократските процеси во Грузија“.
Членовите на Европскиот парламент испратија строго предупредување до грузиските власти дека секој обид за забрана на легално формираните политички партии дополнително ќе ја отуѓи земјата од ЕУ и ќе ги спречи сите чекори кон пристапување во Унијата, се додава.
-Политиката што ја води Грузиски сон не е компатибилна со евроатлантските интеграции на Грузија, велат тие./МИА
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата