logo
logo
logo

ЕК предложи делумна суспензија на Договорот за визна либерализација со Грузија

Vecer | 20.12.2024

ЕК предложи делумна суспензија на Договорот за визна либерализација со Грузија

Европската комисија предложи суспензија на дел од Договорот за олеснување на визниот режим меѓу ЕУ и Грузија, со што би се укинал безвисниот режим за влез во Унијата за грузиските дипломати, службеници и нивните семејства кои поседуваат дипломатски и службени пасоши, 

Доколку предлогот на ЕК биде одобрен, носителите на грузиски дипломатски и службени пасоши ќе мора да аплицираат за добивање виза за патување во ЕУ за краток престој до 90 дена.  

Со суспензијата, грузиските иматели на дипломатски и службени пасоши нема да важат пониските такси за издавање визи.  

- Оваа одлука нема да има негативно влијание врз контактите меѓу луѓето, бидејќи за грузиските државјани кои имаат обични пасоши ќе продолжи да важи визната либерализација за патување во ЕУ на краток престој, соопшти Европската комисија. 

Ваквиот предлог на Комисијата е одговор на „насилната репресија од страна на грузиските власти врз мирните демонстранти, политичарите и независните медиуми“, која започна откако властите на 28 ноември објавија дека го суспендираат пристапниот процес во ЕУ до 2028 година. 

- Покрај тоа, неодамнешното грузиско законодавство, вклучително и „за транспарентност на странското влијание“ (усвоено во мај 2024 година) и за „семејните вредности и заштита на малолетниците“ (усвоено во септември 2024 година), ги поткопува основните права кои се во сржта на вредностите на ЕУ. Усогласеноста со основните права, како што е ефикасно спроведување на политиките за антидискриминација, е клучен услов за да се добие визна либерализација, посочува Комисијата. 

Како резултат на „сериозното демократско назадување на Грузија“, Европскиот совет во јуни порача дека таквиот курс на Тбилиси де факто води кон запирање на пристапниот процес.  

Согласно порцедурите на ЕУ, Европскиот совет треба да се произнесе за предлогот на ЕК за делумно суспендирање на Договорот за визна либерализација со Грузија, кој стапи во сила на 1 март 2011 година. Доколку Советот го одобри предлогот и откако тој ќе стапи во сила, земјите членки на ЕУ ќе треба да ги преземат потребните мерки согласно одлуката.  

Во моментов ЕУ има безвизен режим со 64 земји и ентитети кои не се членки на Унијата, вклучително и со Северна Македонија. Нивните граѓаните можат повеќекратно слободно да влезат и да престојуват во Шенген зоната вкупно до 90 дена во период од 180 дена.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

TailoredCV
logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk