Според „Блумберг“, израелската компанија „Њумед енерџи“, која има удел во проектот, ја објавила информацијата преку соопштение на берзата во Тел Авив. Компанијата наведе дека конзорциумот „Афродита“, во кој учествуваат и „Шеврон“ и „Шел“, се договорил за рамка за изградба на гасоводен систем крај египетскиот брег.
Иако се очекува производството да започне во 2031 година, Египет ќе има корист и од евентуални дополнителни испораки, имајќи предвид дека земјата стана нето-увозник на гас поради зголемената побарувачка и падот на домашното производство. Земјата значително го зголеми увозот на течен природен гас и останува зависна од испораките преку гасоводи од Израел.
Според плановите, Каиро и конзорциумот ќе основаат компанија „Афродита мидстрим“ во Египет за реализација на гасоводниот систем. „Њумед“ поседува 30 проценти од лиценцата, додека „Шеврон“ и „Шел“ имаат по 35 проценти.
Наоѓалиштето „Афродита“ беше откриено во 2011 година и се проценува дека содржи околу 3,5 трилиони кубни стапки извлеклив гас. На крајот на март годинава, владите на Египет и Кипар потпишаа рамковен договор за негов развој.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата