Како посредник во преговорите, Каиро го пренел предлогот до палестинската исламистичка групација Хамас, која соопшти дека го анализира и дека ќе одговори „најскоро можно“.
Високиот функционер на Хамас, Абу Зухри, за Ројтерс изјави дека предлогот не ги задоволува нивните основни барања – целосно запирање на израелската офанзива и повлекување на војската од Газа, пренесува БТА. Предлогот првпат содржи барање за разоружување на Хамас во наредната фаза од преговорите – нешто што организацијата категорично го отфрла.
- Предавањето на оружјето на отпорот е преминување на милион црвени линии и нема да се разгледува, а не па да се прифати, изјави Абу Зухри.
Израел во март ја обнови воената офанзива во Газа, со што заврши примирјето од крајот на јануари.
Последната рунда преговори во Каиро за обновување на договорот и ослободување на израелските заложници заврши без напредок, пренесоа палестински и египетски извори.
Хамас инсистира на целосен прекин на огнот и израелско повлекување, додека Тел Авив одбива да ја прекине офанзивата пред Хамас да биде поразен и да се ослободат сите заложници.
- Подготвени сме да ги предадеме сите преостанати заложници одеднаш, но само доколку се стави крај на војната и Израел се повлече, изјави Абу Зухри.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата