Додека војната во Иран се заканува со долготраен прекин на енергетските текови, Европа се соочува со шок во снабдувањето кој би можел да ја парализира индустријата, да го приземји воздушниот сообраќај, да ја поскапи храната, да ги зголеми трошоците за задолжување и повторно да ја турне инфлацијата кон кризни нивоа, пишува „Politico“.
Како што последните танкери со фосилни горива од Персискиот Залив впловуваат во европските пристаништа, размерите на претстојниот удар дури сега почнуваат да допираат до европските лидери.
Ако војната се одолжи, оптоварувањето на европската економија ќе биде „исто толку тешко како за време на пандемијата на Ковид или на почетокот на војната во Украина“, изјави германскиот канцелар Фридрих Мерц.
„Живеам со оваа реалност 24 часа на ден“, рече италијанскиот министер за одбрана Гвидо Крозето. „Принуден сум да знам работи кои не ми даваат да спијам.“ Судирот би можел да потрае со „години“, предупреди Кристин Лагард, претседателка на Европската централна банка, додавајќи дека долгорочните последици се „веројатно надвор од она што во овој момент можеме и да го замислиме“.
Околу 20 отсто од светската нафта и гас поминуваат низ Ормускиот Теснец, кој сега е во центарот на глобалната енергетска криза. Американскиот претседател Доналд Трамп упати остра порака до државите погодени од недостигот на гориво: „Ќе мора да научите да се борите за себе... потешкиот дел од работата во Иран е завршен, сега најдете си сопствена нафта!“
Нафтата и гасот се клучни за транспортот и греењето, но тие се и темел на целиот индустриски синџир, од храната и пластиката, па сè до хемиската индустрија и земјоделството. Покрај енергенсите, се појавува и недостиг на други ресурси како вештачки ѓубрива и хелиум, кој е неопходен за производство на микрочипови.
Засега, европските потрошувачи најмногу го почувствуваа ударот преку цените на горивата, но аналитичарите предупредуваат дека ова е само почеток на многу поширока економска криза.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата