Во Париз е приведен маж откако се искачил на Ајфеловата кула и закачил американско знаме, поради што привремено биле евакуирани платото пред кулата, како и вториот и третиот кат од неа.
Според наводите на полицијата, мажот околу 15:45 часот бил забележан како се качува меѓу вториот и третиот кат на Ајфеловата кула, каде што го поставил американското знаме.
Тој бил уапсен по пристигнувањето на третиот кат. За време на интервенцијата, од безбедносни причини биле евакуирани платото и двата ката на кулата, а знамето го отстраниле припадници на специјализираната единица на париската полиција.
Осомничениот не ги објаснил мотивите за својата постапка, а е задржан во полиција под сомнение дека ја загрозил безбедноста на други луѓе.
Инцидентот се случил на денот кога Соединетите Американски Држави одбележуваат 250 години од усвојувањето на Декларацијата за независност.
Ден претходно, Ајфеловата кула била осветлена во боите на американското знаме во знак на одбележување на јубилејот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата