logo
logo
logo

Девојче влета на бината на климатскиот самит во Дубаи- по протестот, доби аплауз (ВИДЕО)

Vecer | 11.12.2023

Девојче влета на бината на климатскиот самит во Дубаи- по протестот, доби аплауз (ВИДЕО)

Лициприја Кангуџам, детска активистка за заштита на климата, била придружувана од говорницата од обезбедувањето. По молкот кој владееше додека девојчето гласно протестираше, учесниците на самитот на крајот ѝ аплаудираа.

Директорот на самитот COP28, Маџид Ал Суваиди, кој се качи на подиумот по неа, рече дека му се восхитува на ентузијазмот на младите на самитот во Дубаи и ги покани присутните да му дадат уште еден аплауз на девојчето.

Лициприја објави видео од нејзиното излегување на сцената на Х со натпис: „Еве го целосното видео од мојот протест денес што ја прекина пленарната сесија на високо ниво на ОН #COP28UAE. По овој протест бев приведена повеќе од 30 минути. Моето единствено злосторство е што повикувам на постепено укинување на фосилните горива бидејќи тие се главната причина за денешната климатска криза. Сега ме исфрлија од COP28“.

Јавните протести се ограничени на преговорите на Обединетите нации одржани во Обединетите Арапски Емирати. Властите на таа земја ја забрануваат работата на многу организирани групи, вклучително и политички партии и синдикати. Денеска земјите учеснички добија нов нацрт на текстот на конечниот договор.

Текстот не пропишува постепено укинување на сите фосилни горива, што е клучен услов на Европската унија и бројни земји во развој, особено чувствителни на климатските промени. Преговорите би требало да завршат утре, но веќе е познато дека преговорите за климата на ОН ретко завршуваат на време.

Пред последната рунда разговори на двонеделниот самит во Дубаи, спорниот нацрт ги разоткри многу длабоките меѓународни поделби околу тоа дали нафтата, гасот и јагленот треба да имаат место во иднина. Новиот нацрт на договорот COP28, објавен од претседателството на Обединетите Арапски Емирати, предлага различни опции, но не вклучува можност за „постапно исфрлање“ на сите фосилни горива, што беше вклучено во претходниот нацрт.

Еден европски дипломат изјавил дека новиот текст е лош и може да се чита како „мени од кое можете да го изберете јадењето што го сакате“. И покрај брзиот раст на обновливите извори на енергија, фосилните горива сè уште произведуваат дури 80 отсто од вкупната енергија во светот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk