Апелациониот суд во вторник ќе ја донесе клучната одлука за француската политичарка Марин Ле Пен, која ја оспорува пресудата за злоупотреба на 2,9 милиони евра од Европскиот парламент за партиски цели. Доколку судот ја потврди вината, таа се соочува со две години домашен притвор со електронска наногница и петгодишна забрана за извршување јавни функции, што директно ја загрозува нејзината претседателска кандидатура.
Ле Пен, која важи за главен фаворит за наследник на Емануел Макрон, порача дека наногницата би била огромна пречка за кампањата бидејќи нејзиното движење меѓу гласачите не смее да зависи од одобрение на судија. Таа ги негира сите обвиненија и најави дека доколку биде осудена, ќе ги искористи сите правни лекови и жалби до Касациониот суд. Доколку таа биде дефинитивно елиминирана од трката, се очекува нејзиниот близок соработник Жордан Бардела да биде нов кандидат на десницата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата