Мете Фредериксен затоа денеска ги посети Париз, Брисел и Берлин, додека арктичкиот остров богат со природни ресурси е сѐ повеќе во центарот на вниманието.
Нејзината цел е да го држи Гренланд подалеку од дофатот на Трамп, пренесува Politico.
Новиот американски претседател се повеќе е фокусиран на заземањето на огромниот арктички остров, па дури и не ја отфрли можноста за употреба на воена сила или економска принуда за да го одземе од Данска.
#Denmark - "Mette #Frederiksen’s diplomatic dash to save #Greenland from #Trump"https://t.co/pOgPXr0eWU
— Ville Kostian (@Kostian_V) January 28, 2025
Мете Фредериксен денеска во Брисел се сретна со германскиот канцелар Олаф Шолц, со францускиот претседател Емануел Макрон во Париз и со генералниот секретар на НАТО Марк Руте во Брисел, како дел од дипломатската офанзива бидејќи Трамп се заканува да ја наруши безбедносната архитектура на Арктикот.
Оваа дипломатска иницијатива укажува на зголемено ниво на загриженост во Копенхаген поради заканите на Трамп поврзани со Гренланд, за кои тој смета дека се клучни за американската безбедност на Арктикот и кој поседува огромни минерални ресурси. Мете Фредериксен се сретна и со лидерите на нордиските земји на вечера во неделата.
„Данска е мала земја со силни сојузи. Ние сме дел од силна европска заедница, каде што заедно можеме да се справиме со предизвиците со кои се соочуваме. Претходно сме минале низ големи предизвици. Европската соработка се докажа во решавањето на голем број кризи во последните години“, рече данската премиерка и додаде:
„Европа е во сериозна ситуација. Со војна на континентот и промени во геополитичката реалност. Во такви времиња единството е клучно. Затоа е важно за мене да бидам во постојан и близок дијалог со моите европски колеги и сојузници за да ги заштитиме интересите на Данска и да ја зајакнеме нашата заедничка позиција затоа што, иако постигнавме одреден напредок, Европа мора да може да направи многу повеќе сама.“
„Фајненшл тајмс“ минатата недела објави дека официјални лица во Копенхаген биле во паника откако Мете Фредериксен и Доналд Трамп имале „огнен“ 45-минутен телефонски разговор за Гренланд, кој е данска територија од 1953 година, а пред тоа беше колонија.
Трамп првпат ја спомна идејата за купување на Гренланд за време на неговиот прв мандат, што Мете Фредериксен силно ја отфрли. Сепак, откако се врати во Белата куќа, американскиот претседател изгледа е посериозен од кога било.
Копенхаген го зголеми своето присуство на Арктикот и Северниот Атлантик, додека Трамп, како и Русија и Кина, се обидуваат да го зголемат своето влијание во регионот.
Данската влада вчера објави нов договор за одбрана кој вклучува околу две милијарди евра, меѓу другото, за три нови бродови на Арктикот, дополнителни беспилотни летала со долг дострел и зајакнување на капацитетот на сателитите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата