logo
logo
logo

Најголемата политичка драма во историјата на САД. КАКО ПАДНА ПОПУЛАРНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ?

Vecer | 09.01.2026

Најголемата политичка драма во историјата на САД. КАКО ПАДНА ПОПУЛАРНИОТ ПРЕТСЕДАТЕЛ?

РИЧАРД Милхаус Никсон, роден на 9 јануари 1913 година во Јорба Линда, Калифорнија, бил 37. претседател на Соединетите Американски Држави и ја извршувал функцијата од 1969 до 1974 година. Неговата политичка кариера опфатила позиции како конгресмен, сенатор и потпретседател во администрацијата на Двајт Д. Ајзенхауер. Иако имал значајни достигнувања, како намалување на американското учество во Виетнамската војна и воспоставување дипломатски односи со Кина, мандатот на Никсон завршил со негова оставка поради аферата Вотергејт.

Ран живот и политички подем

Никсон пораснал во скромно квекерско семејство. Дипломирал на колеџот Витиер во 1934 година, а потоа стекнал диплома по право на Универзитетот Дјук во 1937 година. По службата во морнарицата за време на Втората светска војна, ја започнал политичката кариера како член на Претставничкиот дом во 1947 година, а во 1950 бил избран за сенатор. Како потпретседател од 1953 до 1961 година стекнал репутација на силен антикомунист и вешт политичар.

За првпат се кандидирал на претседателските избори на почетокот на 1960-тите како републикански кандидат, но бил поразен од младата демократска ѕвезда Џон Ф. Кенеди. Интересно е што тоа беа изборите на кои за првпат беше одржана телевизиска дебата.

Претседателство и надворешна политика

Никсон беше инаугуриран на 20 јануари 1969 година. Неговиот мандат беше обележан со значајни надворешнополитички потези, вклучувајќи го повлекувањето на американските трупи од Виетнам и историската посета на Кина во 1972 година, што доведе до подобрување на односите меѓу двете земји. Исто така, го потпиша Договорот за антибалистички ракети со Советскиот Сојуз, со што се намалија тензиите од Студената војна.

Аферата Вотергејт

Аферата Вотергејт започна на 17 јуни 1972 година, кога петмина мажи беа фатени при провала во седиштето на Демократската партија во комплексот Вотергејт во Вашингтон. Истражувањата открија дека провалниците биле поврзани со кампањата на Никсон за реизбор, а Белата куќа се обидела да ја прикрие својата вмешаност.

Новинарите Боб Вудворд и Карл Бернштајн од „Вашингтон пост“ одиграа клучна улога во разоткривањето на скандалот, потпирајќи се на анонимен извор познат како „Длабоко грло“, кој подоцна беше идентификуван како Марк Фелт, заменик-директор на ФБИ.

Во текот на 1973 и 1974 година беше откриено постоењето на тајни снимки од разговорите на Никсон во Овалната соба. Тој одбиваше да ги предаде снимките, повикувајќи се на извршна привилегија, што доведе до правна битка. Откако Врховниот суд наложи предавање на снимките, една од нив — позната како „Smoking Gun Tape“ — откри дека Никсон учествувал во обидот за прикривање на провалата веднаш по нејзиното случување.

Оставка и подоцнежен живот

Соочен со речиси сигурен импичмент, Никсон на 8 август 1974 година ја најави својата оставка, која стапи на сила следниот ден. Неговиот наследник Џералд Форд подоцна му додели контроверзно помилување за сите злосторства што можел да ги изврши за време на претседателството.

По оставката, Никсон се повлече од јавниот живот, но со текот на времето делумно го рехабилитираше својот имиџ, пишувајќи книги и дејствувајќи како советник за надворешнополитички прашања. Почина на 22 април 1994 година. Неговото претседателство останува едно од најконтроверзните во американската историја, со достигнувања засенети од скандалот што доведе до неговата оставка.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk