Истакнатиот германски правник Андрес Ритер започна седумгодишен мандат како главен обвинител во Јавното обвинителство на Европската Унија (ЕPPО).
Ритер (62) ја наследи Романката Лаура Ковеши, чиј заменик беше досега. Европскиот парламент и Советот на ЕУ го избраа за главен обвинител во март оваа година.
Во 1995 година, Андрес Ритер започна да работи во Државното обвинителство на Германија, а во 2008 година стана заменик главен обвинител во Државното обвинителство на Мекленбург-Западна Померанија, пишува ДПА.
Од 2013 до 2020 година, тој ја водеше покраинската канцеларија на обвинителството за економски криминал и кибер криминал во Рошток, пред да биде првиот Германец кој беше назначен во новото европско обвинителство ЕЈО.
Обвинителството задолжено за откривање кривични дела против буџетот на ЕУ
ЕPPО, чие седиште е во Луксембург, е одговорно за откривање и гонење на прекугранични кривични дела извршени во земјите-членки на сметка на буџетот на ЕУ.
Според извештајот на EPPO, обвинителите на таа канцеларија работеле на крајот од 2025 година на рекорден број од 3.062 активни случаи, во кои вкупната штета на буџетот на Унијата се проценува на повеќе од 67 милијарди евра.
Поголемиот дел од таа штета, околу 45 милијарди евра, може да се припише на царински измами и измами со данок на додадена вредност.
Стапката на осудителни пресуди достигна речиси 95%
Само минатата година, обвинителите на EPPO покренаа 2.030 нови истраги, а стапката на осудителни пресуди во завршените случаи достигна речиси 95 проценти, пишуваат медиумите.
Претходничката на Ритер, Лаура Ковеши, беше главен обвинител на Романската дирекција за сузбивање на корупцијата од 2013 до 2018 година, со мандат од седум години без право на повторен избор, сè додека не беше избрана за главен обвинител на EPPO. Таа беше назначена за прв шеф на EPPO во 2019 година, а новото обвинителство формално започна со работа во 2020 година.
Од вкупно 27 членки на ЕУ, Данска и Ирска не се приклучија на обвинителството, додека Унгарија поднесе барање по промената на владата во мај, а во август оваа година стана 25-та земја што учествува во работата на EPPO.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата