logo
logo
logo

По екстремните горештини, силно невреме однесе два животи во Франција

Vecer | 17.07.2026

По екстремните горештини, силно невреме однесе два животи во Франција

Најмалку две лица загинаа откако силно невреме ја зафати Франција во текот на ноќта, по долг период на екстремно високи температури, додека околу 53.000 домаќинства во петокот останаа без електрична енергија, јавија француските медиуми и операторот на електродистрибутивната мрежа „Енедис“.

Во местото Сен Викторјен, во централниот департман От Виен, жена загинала во четвртокот вечерта откако врз неа паднало дрво.

Во местото Доломје, во источниот дел на земјата, маж бил пронајден мртов, изгорен во пожар во работилница која доцна во четвртокот била погодена од гром, јави агенцијата АФП.

Операторот „Енедис“ соопшти дека 53.000 домаќинства останале без струја, а прекините во снабдувањето најмногу ги погодиле регионите Оверњ-Рона-Алпи на југоистокот и Нова Аквитанија на југозападот на Франција.

Француската метеоролошка служба „Метео Франс“ во петокот го укина портокаловото предупредување за силно невреме во сите департмани во југоисточна Франција кои претходно беа погодени.

Претходно, службата предупреди на појава на крупен град и силни налети на ветер, кои се очекуваа од Централниот Масив до Алпите.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk