Американскиот претседател Доналд Трамп ќе испрати оружје во Киев за прв пат откако се врати на функцијата, користејќи ги претседателските овластувања што често ги користеше неговиот претходник Џозеф Бајден, соопштија денес два извори запознаени со одлуката.
Повеќе од три години по рускиот напад врз Украина, тимот на Трамп ќе идентификува оружје од американските залихи што ќе биде испратено во Украина според овластувањето на претседателот за итна испорака, велат извори, а еден од нив вели дека вредноста би можела да достигне и до 300 милиони долари.
Трамп во вторникот изјави дека САД ќе испратат повеќе оружје на Украина за да ѝ помогнат да се одбрани од зголемените руски напади.
Пакетот би можел да вклучува одбранбени ракети „Патриот“ и офанзивни ракети со среден дострел, но одлука за тоа што точно ќе биде испратено сè уште не е донесена, велат изворите.
Едно од лицата изјави дека тоа ќе се одлучи на денешниот состанок.
Досега, администрацијата на Трамп испрати само оружје одобрено од поранешниот претседател Џозеф Бајден.
Претседателското овластување му дозволува на претседателот да користи залихи од оружје за да им помогне на сојузниците во итни ситуации.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата