Поранешниот шеф на германската дипломатија, Јошка Фишер, во интервју за „Дер Шпигел“ изнесе мрачни прогнози за иднината на Европа по повлекувањето на САД како нејзин заштитник. Фишер смета дека Европа веќе не може да се потпре на Вашингтон и отворено се сомнева во опстанокот на НАТО во неговата сегашна форма, нарекувајќи ја грешка политиката на Трамп кон Иран, која само го радикализираше тамошниот режим.
Според него, Германија мора итно воено да зајакне, а доколку САД го повлечат својот „нуклеарен чадор“, дебатата за сопствено нуклеарно одвраќање ќе стане неизбежна. Фишер предлага создавање на европска алтернатива за одбрана заедно со Франција и Велика Британија, нагласувајќи дека трансатлантскиот сојуз е пред сериозен колапс.
„Во иднина едноставно повеќе не можеме да се потпираме на САД. Се осмелувам да се сомневам дали НАТО ќе преживее“, изјави Фишер, додавајќи дека европски дел од Алијансата би имал смисла, но не и сојузот во досегашната форма.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата