Пред денешните американски и израелски напади, ЦИА процени дека иранскиот врховен лидер, ајатолахот Али Хамнеи, веројатно ќе биде заменет од тврдокорни од Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) во случај на негова смрт.
Проценките, направени во последните два месеци, се однесуваа на можните исходи од американската воена интервенција и нејзиниот потенцијал да поттикне промена на режимот во Исламската Република, што Вашингтон сега отворено го прогласи за своја цел, пишува Ројтерс.
Двајца извори, кои зборуваа под услов да останат анонимни поради чувствителноста на темата, рекоа дека извештаите на разузнавачката агенција не предвидуваат никакво конкретно сценарио со сигурност. ИРГЦ е елитна воена сила задолжена за заштита на шиитската клерикална влада на Иран. ЦИА одби да коментира за обвинувањата.
Повикот на Трамп за востание
Американскиот претседател Доналд Трамп со недели најавува дека САД се заинтересирани за промена на режимот во Иран, но не разјасни детално кој, според Вашингтон, треба да ја води земјата.
Во видео обраќање рано утрово, Трамп ги нарече властите во Техеран „терористички режим“ и го повика иранскиот народ да ја преземе власта, велејќи дека американските воени напади ќе создадат услови за востание.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата