Привременото примирје меѓу САД и Иран се најде на стаклени нозе за помалку од еден ден откако беше договорено. Причината се масовните напади што Израел денеска ги изврши врз сојузниците на Иран во Либан, додека Техеран нападна нафтени постројки во неколку земји од Персискиот Залив по тврдењата дека неговата енергетска инфраструктура била цел на напади.
Условното примирје договорено меѓу САД и Иран, старо само неколку часа, содржеше одредба за привремено повторно отворање на клучниот поморски канал, преку кој минува една петтина од светската трговија со нафта и нафтени деривати, но и ѓубрива и други стоки.
Сепак, според иранската новинска агенција Фарс, властите во Техеран повторно го затвориле теснецот, откако преку него поминаа неколку брода, поради големите напади што Израел ги изврши врз Либан, а во кои, според извештатите на агенциите, се убиени повеќе од 250 луѓе.
Последите случувања доаѓаат во пресрет на закажаната средба на делегациите на САД и Иран во Исламабад в петок (10 април) каде треба да започнат детални разговори за мировен договор.
Иранската Исламска револуционерна гарда (ИРГЦ) објави дека ќе одговори во врска со израелските напади врз Хезболах во Либан, доколку тие не бидат веднаш запрени.
„Доколку агресијата врз нашиот сакан Либан не биде веднаш запрена, ние ќе ја исполниме нашата должност и ќе возвратиме“, се вели во соопштението на ИРГЦ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата