logo
logo
logo

Чешка воведува задолжителна вакцинација за одредени професии и старосни групи

Vecer | 06.12.2021

Чешка воведува задолжителна вакцинација за одредени професии и старосни групи

Ова денеска го објави министерот за здравство Адам Војтех. Земјата со 10,7 милиони жители заостанува зад просекот на Европската унија во вакцинацијата против Ковид-19 и минува низ уште еден бран на инфекција што ги принуди болниците да престанат да третираат случаи кои не се итни и да бараат помош од војската и волонтерите.

Соседна Австрија воведе обврска за вакцинација за сите граѓани, а некои други земји, меѓу кои и Германија, размислуваат за задолжителна вакцинација.

„Другите земји го следат овој пат“, рече Војтек. „Тоа е тренд кој ќе преовладува во Европа.“

Обраќајќи им се на новинарите преку видео врска, бидејќи тој е во изолација откако бил тестиран позитивно за вирусот, Војтек рече дека неговото министерство ќе издаде декрет оваа недела со додавање на вакцината против Ковид-19 на другите задолжителни вакцини, потврдувајќи ги претходните извештаи во медиумите.

На оние кои ќе одбијат ќе им биде забрането да работат во професиите во кои работат, рече тој.

Уредбата треба да стапи на сила во март, но може да биде краткотрајна, барем во сегашната форма, бидејќи новата влада на десниот центар, која би можела да ја преземе власта веќе следната недела, протестирала против вакцинацијата врз основа на возраста.

Висок член на претстојната коалиција викендов изјавил дека идната влада ќе ја укине обврската за вакцинирање на граѓаните над 60 години, но дека вакцинацијата може да биде задолжителна за одредени професии.

Војтек соопшти дека воведувањето на регулативата се уште трае. „Убедени сме дека ова е вистинскиот пат“, рече тој.

Само 59,6 отсто од Чесите се вакцинирани, во споредба со европскиот просек од 66,4 отсто, според Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Агенцијата СТЕМ во петокот ги објави резултатите од анкетата според која 19 отсто од населението се против вакцинацијата.

Според анкетата, јавноста била рамномерно поделена во поддршката или несогласувањето со задолжителните вакцини.

Чешка има регистрирано 33.768 смртни случаи поврзани со коронавирус од почетокот на пандемијата, една од најлошите стапки во однос на населението на глобално ниво.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk