Соединетите Американски Држави разгледуваат нова рунда санкции врз енергетскиот сектор на Русија за дополнително да го зголемат притисокот врз Москва доколку рускиот претседател Владимир Путин одбие да прифати потенцијален мировен договор со Украина, објави Блумберг, повикувајќи се на извори.
Меѓу мерките што се разгледуваат се и таргетирање на руските танкери што транспортираат нафта, како и трговците што олеснуваат трансакции, изјавија изворите под услов да останат анонимни.
Се вели дека новите санкции би можеле да бидат објавени уште оваа недела. Американскиот министер за финансии Скот Бесант ги разгледа плановите со група европски амбасадори, нагласувајќи дека САД продолжуваат да даваат приоритет на завршувањето на војната во Украина под водство на американскиот претседател Доналд Трамп.
Конечната одлука за мерките е оставена на претседателот. Преговорите за потенцијален мировен договор напредуваат, со одреден договор за безбедносни гаранции за Украина.
Сепак, статусот на териториите во источна Украина, користењето на замрзнатите руски средства и управувањето со нуклеарната централа Запорожје остануваат спорни прашања.
Американските предлози вклучуваат создавање демилитаризирана или слободна економска зона во делови од источна Украина кои не се под контрола на Москва, додека Киев и неговите сојузници го отфрлаат отстапувањето на територија на Русија.
Американските претставници, исто така, ги гледаат замрзнатите руски средства како дел од евентуален договор, додека Москва реагираше остро на можноста, обидувајќи се да ја заштити својата економија.
Рускиот заменик-министер за надворешни работи, Сергеј Рјабков, рече дека територијалните барања на Москва се непроменети и дека трупите на НАТО не треба да бидат распоредени во Украина, но додаде дека војната „се ближи кон својот крај“ и изрази надеж за договор.
Цените на нафтата паднаа за околу 20 посто оваа година, достигнувајќи го најниското ниво од февруари 2021 година, додека претходните санкции веќе ги таргетираа водечките руски производители и бројните танкери што транспортираат нафта.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека безбедносните гаранции ќе бидат правно обврзувачки преку гласање во Конгресот, а се очекува понатамошна координација со Русија во наредните денови.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата