Од денеска сексуалните работници во Белгија ќе можат, како и вработените во други професии, да потпишуваат формални договори за вработување и да се стекнат со право на работа, а новиот закон многумина го сметаат за правен напредок што може да се опише како „револуција“.
Според новиот закон, сексуалните работници имаат право да одбиваат клиенти и да ја изберат нивната пракса, објави агенцијата АП.
Мерката доаѓа по одлуката на Белгија во 2022 година да ги декриминализира сексуалните работници.
Новите прописи предвидуваат и дека тие ќе можат да користат здравствено осигурување, платено отсуство, породилно отсуство, надоместоци за невработени и пензиски права.
Со новата регулатива се регулира и нивното работно време, како и безбедносните мерки.
– Ова е неверојатен чекор напред – изјави координаторката на групата Еспас П., која учествувала во подготвувањето на законот, Изабел Жарамило, додавајќи дека тоа значи дека белгиската држава конечно ги признава сексуалните работници како легитимна професија.
Воедно, таа посочи дека тоа е револуција од аспект на работодавачите, бидејќи сега ќе треба да добијат дозвола од државата за да ангажираат сексуални работници.
Земјите како Германија и Холандија го легализираа обезбедувањето сексуални услуги, но не имплементираа толку сеопфатни регулативи за заштита на професијата и правото на работа на сексуалните работници како Белгија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата