Двомесечната блокада на европскиот заем од 90 милијарди евра за Украина конечно заврши, откако Унгарија официјално го повлече своето вето. Како што пренесува „Еуроњуз“, официјален Брисел потврди дека првата исплата ќе биде извршена „што е можно побрзо“. Овој голем напредок доаѓа само два дена откако украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека нафтоводот „Дружба“, кој ги снабдува Унгарија и Словачка со евтина руска нафта, е поправен и подготвен за работа.
Енергетскиот спор беше главниот „окидач“ на тензиите. Тврдењето на Украина дека ќе и бидат потребни неколку недели за поправка на цевководот предизвика бурна реакција кај Виктор Орбан, особено во пресрет на парламентарните избори во Унгарија закажани за 12 април. Во тој период, Орбан значително ја заостри реториката кон Брисел и Киев, користејќи ја енергетската безбедност како политички адут.
Со повторното пуштање на нафтата преку „Дружба“, стратешките интереси се усогласија. Деблокадата на овие 90 милијарди евра е од витално значење за стабилноста на украинската економија и воените напори, додека Унгарија ја обезбеди својата енергетска стабилност пред клучните избори.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата