Пензионираниот генерал Весли Кларк за CNN изјави дека повторното отворање на Ормускиот теснец со сила е „многу, многу потежок проблем“ за Соединетите Американски Држави отколку да се држат затворени пристаништата на Иран, додавајќи дека водниот пат е „покорисен за Иран отколку нуклеарното оружје“.
- Не знам дали воопшто имаме воена опција за тоа, рече тој. Кларк, поранешниот врховен командант на НАТО за Европа, наведе голем број пречки со кои би се соочила американската војска:
- Постојат мини, глисери, ракети, нисколетачки ракети, крстосувачки ракети, балистички ракети, можна артилериска акција што би можела да се користи. Тоа е многу ограничен простор. Со години е утврден. Иранците сигурно ги научија своите лекции.
Тој, исто така, истакна дека Иран има кинеска технологија и има „следење во реално време на нашата флота“ низ теснецот. Тој додаде дека обидот за повторно отворање на Ормускиот теснец со сила за САД би значел „вистинска борба гради в гради ако одиме таму“.
- Ова не е крајот на 1980-тите. Ова не е војна со танкери. Ова е нешто сосема друго, рече Кларк.
Тој исто така нагласи дека Иран е свесен за стратешката вредност на Ормутскиот теснец во преговорите:
- Тој е покорисен од нуклеарното оружје. И тие веќе го употребија. Тие не веруваат дека имаме одговор на тоа.
Конечно, тој додаде:
- Тие знаат дека не сакаме да испраќаме копнени сили. Тие знаат дека не сакаме загуби. Не сакаме да ги приближиме бродовите доволно блиску за да бидат погодени од нивните ракети... затоа ова е исклучително тежок воен проблем. За жал, тоа го обликува нивниот став во преговорите.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата