Американскиот сенатор Берни Сандерс повтори дека Соединетите Американски Држави не треба да учествуваат во воената операција на Израел против Иран.
Тој потсети дека во 2002 година, Бенјамин Нетанјаху, сведочејќи пред американскиот Конгрес, ги охрабри САД да започнат воена интервенција во Ирак, додавајќи: „Ако го тргнете режимот на Садам, сигурен сум дека тоа ќе донесе огромни позитивни последици.“
Сандерс подвлече дека времето потврдило оти Нетанјаху не бил во право.
Воените дејствија во Ирак доведоа до 4.492 загинати американски војници, над 32.000 ранети и финансиски трошоци од речиси три билиони долари. Стотици илјади луѓе во Ирак ги загубија животите поради оваа трагична војна.
Тој додаде: „Нетанјаху не беше во право во врска со конфликтот во Ирак, и не е во право ниту сега. Не смее да стане американска политика вмешувањето во тековната војна против Иран.“
Сенаторот Сандерс во понеделникот ја презентираше иницијативата со која би се забранило употреба на федерални средства за американска воена акција против Техеран, без изречно одобрување од Конгресот. Законот, познат како „Нема војна против Иран“, предвидува исклучок само доколку е во прашање самоодбрана, согласно постоечките американски закони за воени овластувања.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата