Русија ја спушти во вода новата стратешка нуклеарна подморница „Хабаровск“, способна да носи дури дванаесет торпеда со нуклеарен погон „Посејдон“, најновиот систем на оружје на Кремљ.
„Посејдон“, како што објасни рускиот претседател Владимир Путин, е наменет за извршување нуклеарни напади низ целиот свет.
Додека нуклеарните тензии полека растат, „Хабаровск“ е најновиот во низата руски проекти преку кои Москва ја демонстрира својата нуклеарна моќ.
Заедно со торпедата „Посејдон“, Владимир Путин неодамна ја претстави крстосувачката ракета „Буревестник“, а уште порано и ракетата „Орешник“, која може да носи нуклеарни боеви глави и да стигне до кој било поголем град во Европа.
Американскиот претседател Доналд Трамп одговори на сè поагресивните закани на Путин најавувајќи дека САД би можеле да ги рестартираат тестовите за нуклеарно оружје, иако не прецизираше дали се однесува на вистински нуклеарни експлозии или на тестирање на ракети способни за нуклеарно носење.
Специјално дизајнирана подморница
Новата подморница беше пуштена во вода оваа недела во бродоградилиштето Севмаш во Северодвинск, во Архангелската област на Белото Море.
Церемонијата не беше емитувана во живо, но беше потврдена од државните медиуми, а подоцна беше објавена од независни извори, вклучувајќи го и белорускиот портал NEXTA.
Според руското Министерство за одбрана, „Хабаровск“ е првата подморница специјално дизајнирана да го носи системот „Посејдон“, за кој НАТО ја има ознаката „Канјон“.
Пловилото наводно може да носи до дванаесет торпеда, а станува збор за оружје со нуклеарен реактор, како и теоретски неограничен дострел, што Путин го опиша како „незапирливо“.
Аналитичарите веруваат дека торпедото може да носи боева глава од повеќе мегатони, способна да предизвика цунами или да контаминира огромни крајбрежни области.
Пентагон претходно го нарече системот „стратешко средство за испорака на нуклеарно оружје“ и „нова класа на закана“.
„Посејдон“ беше споменат за прв пат во 2018 година, кога Путин го претстави како дел од арсеналот на „непобедливото“ руско оружје.
Потоа тој откри и нова класа хиперсонични ракети кои, според Кремљ, можат да ја заобиколат секоја постоечка противракетна одбрана.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата