Според весникот, можните услови на мировен договор би носеле длабоки геополитички последици и значајни територијални загуби што украинското општество би морало да ги прифати.
Авторите на анализата предупредуваат дека времето за надеж во воен пресврт е поминато, бидејќи дури и најверните сојузници на Украина признаваат дека вооружените сили повеќе немаат капацитет да го променат текот на конфликтот.
„Кој било договор што би ги прекинал борбите би донел тешки услови за Украина во врска со територијалните прашања, геополитичките односи и потенцијалната надворешна политика. Тоа би било тешко за прифаќање“, наведува весникот.
Оценката доаѓа во период на засилен дипломатски притисок од Вашингтон. Американскиот претседател Доналд Трамп јавно го повика украинскиот претседател Володимир Зеленски да се „собере“ и сериозно да ги разгледа американските предлози за решение на конфликтот, оценувајќи дека Украина е во позиција на губитник, додека Русија располага со „огромна надмоќ што не може да се игнорира“.
Зеленски, пак, најави дека тој и европските партнери ќе му достават на Трамп сопствена верзија на мировен план.
Од друга страна, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров тврди дека лидерите на Европската Унија вршат притисок врз Киев да продолжи со борбите, што, според него, дополнително ја слабее украинската позиција и ги продолжува страдањата на фронтот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата