logo
logo
logo

Америка тргна против италијанската мафија: НА УДАР ГАМБИНО ЕДНА ОД ПЕТТЕ „ФАМИЛИИ“

Vecer | 09.11.2023

Америка тргна против италијанската мафија: НА УДАР ГАМБИНО ЕДНА ОД ПЕТТЕ „ФАМИЛИИ“

Шеснаесет наводни шефови и соработници на мафијашкото семејство Гамбино се уапсени во САД и Италија, објавија американските обвинители.

Обвиненијата против нив вклучуваат рекетирање, изнуда, одмазда против сведоци, заговор и измама, јавува Би-Би-Си. Десет осомничени беа уапсени во областа на Њујорк, а шест беа уапсени од италијанските власти во Палермо, Сицилија.

Друг осомничен моментално е во бегство, соопшти американското министерство за правда. Уапсените во САД беа изведени пред судот во Њујорк.

Во обвинението, обвинителите истакнаа шема на заплашување и насилни напади со намера да проневераат средства и да ги измамат синдикатите и плановите за бенефиции на вработените. Компаниите за уривање и отстранување ѓубре биле цел на мафијашите.

Според обвинението, членовите на групата им се заканувале на претприемачите и барале да им се исплати одредена сума за обезбедување заштита.

Тие се обвинети за избегнување на правилата на синдикатот и местење понуди за профитабилни договори за уривање, пишува Би-Би-Си. Тие биле обвинети и за закани на сведоци, за перење пари и кривични дела поврзани со огнено оружје.

Меѓу уапсените се и наводниот „капетан“ во семејството, Џозеф „Џо Бруклин“ Лани, семејниот „војник“ Анџело „Фифи“ Градилоне и соработникот на сицилијанската мафија Франческо Викари, познат и како „вујко Чичо“.

Семејството Гамбино е едно од петте истакнати њујоршки мафијашки семејства познати колективно како Коза Ностра. Семејството беше предводено од Џон Готи, до неговата смрт во затвор во 2002 година, а подоцна и од Френк Кали, кој беше застрелан пред неговиот дом во Стејтен Ајленд во март 2019 година.

Неговата смрт беше првото насочено убиство на мафијашки бос во Њујорк по смртта на тогашниот шеф на семејството Гамбино Пол Кастелано во 1985 година. Обвинетите се соочуваат со казна од 20 до 180 години затвор, пренесе Би-Би-Си.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk