Иран вечерва лансираше ракети кон Израел, потврди израелската војска, наредувајќи им на жителите низ целата земја да побараат засолниште. Воздушните напади одекнуваат во Ерусалим и Тел Авив, а огромен облак од чад се појави над Тел Авив, откако израелската противвоздушна одбрана пресретна неколку ракети.
Иранската државна агенција ИРНА објави дека започнал одговорот на Иран на нападите на Израел. Тие велат дека стотици балистички ракети биле испукани кон Израел.
Новинската агенција Ројтерс, исто така, објави фотографии на кои се гледаат светли блесоци над Ерусалим. Би-Би-Си пишува дека низ целиот град се слушаат гласни татнежи.
„Сè уште не е јасно дали станува збор за напади или пресретнувања“, јавува дописникот на Би-Би-Си од Ерусалим.
На социјалните мрежи може да се видат проектили како летаат низ небото.
Израелската војска објави дека идентификувала ракети испукани кон Израел и работи на пресретнување на „закани“.
Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Али Хамнеи, објави на X дека Иран ќе „зададе тешки удари“ откако „Израел започнал војна“.
„Техеран нема да дозволи Израел да извршува напади „удри и бегај“ без сериозни последици“, рече тој.
„Ционистичкиот режим нема да остане недопрен од последиците од својот злостор. Иранската нација мора да биде уверена дека нашиот одговор нема да биде половичен“, додаде тој.
Малку порано, Израел изврши нови напади врз Иран, откако уништи огромен подземен нуклеарен објект и уби ирански воени команданти и нуклеарни научници во зори во најголемиот напад врз својот децениски противник.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата