„Летото 2025 година може да биде последното што ќе го доживееме во мир.“ Со оваа изјава, германскиот воен историчар и професор Зенке Најцел ја разбранува германската, но и пошироката европска јавност.
Во разговор со водителката на германскиот јавен сервис NDR, Ана Енгелке, тој објасни што го натерало да ја даде таа изјава и каква закана гледа во Русија.
Додека некои аналитичари веруваат дека Русија, која се бори да ги постигне своите воени цели во Украина, сè уште е закана што може да се управува, Најцел не се согласува.
Тој верува дека НАТО треба да се подготви за најлошото можно сценарио.
Според него, Бундесверот - германската армија - е нефункционален систем и секоја сериозна реформа ќе биде огромен предизвик за слабата влада во Берлин.
Иако верува дека новата влада ќе се обиде да спроведе одредени промени, тој смета дека е малку веројатно дека тоа ќе бидат реформите што навистина им се потребни на Германија и Европа во воена и одбранбена смисла.
Според него, Бундесверот треба да се фокусира на три клучни области: одбрана од беспилотни летала, воздушна одбрана и обезбедување доволни количини муниција.
Непредвидлива Кина

Ситуацијата е дополнително комплицирана со сè почестото тропање со оружје од страна на кинеската армија по должината на брегот на Тајван, предупредува воениот аналитичар на НДР, Стефан Ниман.
Расте загриженоста дека моќниот кинески претседател Си Џинпинг би можел да ја искористи војната во Украина како можност да го нападне Тајван. Иако Кина долго време тврди дека Тајван е дел од нејзината територија, всушност Тајван функционира како независна земја, со своја влада и демократски политички систем.
Во последниве години, Пекинг ги интензивираше воените вежби во близина на островот, што е дел од неговата стратегија за притисок врз Тајван. Овие вежби често вклучуваат поморски и воздушни маневри кои симулираат блокади и напади врз клучната инфраструктура на Тајван, со цел да се заплаши населението таму и да се демонстрира кинеската воена моќ.
Кина постојано се закануваше дека ќе употреби сила ако Тајван формално се прогласи за независен.
Овие закани беа поткрепени со обемни воени вежби и демонстрации на сила, вклучувајќи модерни носачи на авиони и напредни борбени авиони.
Како одговор, Тајван ја зајакна својата одбрана и ја зголеми воената подготвеност, но останува во голема мера зависен од поддршката од Соединетите Американски Држави.
Конфликт меѓу Кина и Тајван би бил катастрофален за целиот свет

Со децении, Соединетите Американски Држави имаа обврска да му помогнат на Тајван во самоодбрана, како што е утврдено со Законот за односи со Тајван од 1979 година.
Во согласност со тој закон, САД се обврзуваат да го снабдуваат Тајван со средствата потребни за неговата одбрана. Неодамна, САД дополнително го зголемија своето воено присуство во Азиско-пацифичкиот регион и ја зголемија продажбата на оружје на Тајван за да се осигурат дека островот може да се спротивстави на евентуална кинеска агресија.
Министерот за одбрана на САД, Пит Хегсет, му рече на Тајван дека САД му гарантираат таканареченото „веродостојно одвраќање“, што значи дека ќе преземат сите мерки за да ја спречат Кина лесно да нападне.
Токму можниот вооружен конфликт меѓу САД и Кина е она што најмногу ги загрижува безбедносните аналитичари.
Таквата војна би имала катастрофални последици за целиот свет и би можела да предизвика колапс на глобалната економија.
Во последните неколку години, Кина значително ги прошири своите воени капацитети - од напредни ракетни системи, преку носачи на авиони, до други софистицирани технологии.
Покрај тоа, учествува во заеднички воени вежби со земји како Иран и Русија, што дополнително ги зајакнува нејзините воени сојузи насочени против Западот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата