Врховната рада на Украина изгласа нов закон кој на украинските граѓани им дозволува да поседуваат повеќе од едно државјанство. Воведувањето на оваа мерка има за цел да помогне во решавањето на сериозните демографски предизвици со кои се соочува земјата, особено поради масовното иселување предизвикано од војната што започна во 2022 година.
Со овие законски измени, украинските бегалци добиваат можност да го задржат своето државјанство и додека се наоѓаат во странство, што дополнително ја олеснува нивната евентуална одлука за враќање во татковината. Исто така, членовите на украинската дијаспора се мотивираат да аплицираат за украински пасоши.
Процедурата за добивање државјанство ќе биде поедноставена за децата родени во странство од украински родители, како и за оние граѓани што стекнуваат друго државјанство преку брак. За странци заинтересирани за украинско државјанство ќе биде задолжително полагање испит по украински јазик, историја и устав.
Законот исто така отвора можност за странските волонтери кои се борат на страна на Украина да стекнат државјанство по забрзана процедура. Меѓутоа, ограничувањето останува за граѓани на земји што се сметаат за агресор или кои не го признаваат територијалниот интегритет на Украина – тие нема да можат да добијат украински документи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата