Додека светот тагува по смртта на папата Франциск, кој почина на 89-годишна возраст во понеделникот на Велигден, многумина се сеќаваат на помалку познати детали од неговиот живот - вклучително и младешката љубов за која некои веруваат дека го довела до свештенството.
Детска љубов која можела да ја смени историјата
Како 12-годишник, Хорхе Марио Бергољо - како што тогаш се викал папата Франциск - се заљубил во својата сосетка Амалија Дамонте од населбата Флорес во Буенос Аирес. Тоа била нежно, невино чувство, но доволно силно за да и напише писмо во кое ја опишува нивната заедничка иднина како маж и жена.
"Тој беше зрело, прекрасно момче. Игравме на тротоарите и во паркот, игравме танго... Тоа беше искрено и невино пријателство, како од приказна. И двајцата имавме големо срце за сиромашните, се препознававме како сродни души", изјавила Амалија за аргентинските медиуми.
Во тоа писмо малиот Хорхе Марио Бергољо напишал:
„Ако не се оженам за тебе, ќе станам свештеник“.
Заедно со пораката нацртал и срце прободено од стрела - симбол на младешка љубов.
Мајка и ја прекина врската
Иако Амалија била трогната од гестот, нивната приказна немала среќен крај. Нејзината мајка, дознавајќи за писмото, забранила секаков контакт со Хорхе. Сметала дека на девојката не и прилега да биде во врска со момче кое размислува за свештенички повик.
„Моите родители строго ме спречија никогаш повеќе да го видам. Никогаш повеќе не разговаравме“, вели Амалија, која сега има повеќе од 80 години и сè уште живее во истата населба каде што започнало се.
Танго, клубови и животот пред религијата
Пред целосно да и се посвети на верата, Хорхе Бергољо имал сосема поинаков живот. Работел како телохранител во ноќен клуб и учител, а бил голем љубител на тангото, омилениот аргентински танц. Токму преку танцот ја запознал својата младешка љубов, но повикот на верата на крајот го одведе по поинаков пат.
Во едно интервју од 2010 година, папата се осврнал на таа мината епизода:
„Сакавме да танцуваме. Но, со текот на времето, почувствував повик и знаев дека свештеничкиот живот е она кон што се стремев.
Една љубов, еден пат
Иако никогаш повеќе не се сретнале, приказната за Амалија и папата Фрањо останува како нежен спомен на детството и судбина што можела да се одвива поинаку. Наместо љубов кон една жена, Хорхе ја избрал љубовта кон човештвото – и стана еден од најомилените папи во модерната историја.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата