Американскиот претседател Доналд Трамп планира да има долг разговор за војната со Иран со кинескиот лидер Си Ѓинпинг на нивната средба во Пекинг. Сепак, Трамп ја минимизира идејата дека ќе му биде потребна помош од Кина за да се стави крај на конфликтот.
„Не мислам дека ни е потребна никаква помош со Иран. Ќе го добиеме на еден или друг начин. Ќе го добиеме мирно или на друг начин“,
изјави Трамп во одговор на новинарско прашање од Си-ен-ен.
Трамп вели дека има многу теми за разговор со Си, а не само за Иран, тврдејќи дека САД ја имаат ситуацијата „многу под контрола“.
„Имаме многу работи за дискусија, да бидам искрен, не би рекол дека Иран е една од нив, бидејќи го имаме Иран под голема контрола. Или ќе склучиме договор, или тие ќе бидат десеткувани“,
рече тој.
Лидерите на двете најголеми економии во светот се очекува да разговараат околу трговијата, војната на САД и Израел со Иран, но и за други области за кои имаат несогласување.
Трамп патува во Кина во време на нерешена војна со Иран. Пекинг одржува врски со оваа земја и останува главен потрошувач на нејзината нафта.
Трамп треба да пристигне во Пекинг утре, пред разговорите закажани за четврток и петок. Тоа ќе биде негова прва посета на Кина од 2017 година.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата