logo
logo
logo

Шведски новинар ослободен од турски затвор

Vecer | 17.05.2025

Шведски новинар ослободен од турски затвор

Шведскиот новинар Јоаким Медин го прослави своето ослободување, неколку часа по враќањето во Шведска, објави агенцијата Франс прес.

Медин помина седум недели во притвор во Турција откако беше осуден за навреда на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

„Речиси од првиот ден размислував што би рекол сега – Да живее слободата, слободата на печатот, слободата на изразување и слободата на движење“, рече тој на прес-конференција во Стокхолм.

Медин, кој бил во самица во затворот Силиври во предградието на Истанбул, рекол дека е „прекрасно чувство“ да може да зборува, пишува и да се движи како што сака.

Неговата сопруга, Софи Акселсон, која го очекува нивното прво дете, изјави дека во четвртокот добила СМС-порака со која се најавувало неговото ослободување.

„Неописливо олеснување е што овој кошмар заврши и што Јоаким може да биде покрај мене кога ќе се роди нашата ќерка“, рекла таа.

Деталите од преговорите меѓу Шведска и Турција не се познати, објави Франс Прес.

Шведската министерка за надворешни работи Марија Малмер Стернергард изјави дека немало отстапки.

„Немаше размена, не беа упатени никакви барања (од Турција)“, рече министерот.

Шведскиот премиер Улф Кристерсон го поздрави новинарот, објави АП, додавајќи дека новинарот бил ослободен по интензивно лобирање од страна на шведската дипломатија и европските партнери.

Јоаким Медин (40) беше уапсен на 27 март по пристигнувањето во Истанбул, каде што пристигна за да известува за демонстрациите што започнаа по апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главен ривал на турскиот претседател.

Новинарот од дневниот весник „Дагенс ЕТЦ“ е обвинет за припадност на терористичка организација.

„Тоа обвинение се потпира на објави на социјалните мрежи, статии во весници и книги напишани исклучиво како дел од неговите новинарски активности“, изјави претходно за АФП Барис Алтинтас, ко-директор на турската невладина организација за човекови права MLSA, која го брани.

Новинарот на судењето изјави дека само си ја врши новинарската работа и дека само сака да се врати дома за да ја издржува својата бремена сопруга и да ја види својата мала ќерка.

Речиси 2.000 луѓе беа уапсени, меѓу нив бројни студенти и новинари за време на демонстрациите поради апсењето на градоначалникот на Истанбул.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk