logo
logo
logo

Меркел призна: Со пандемијата се справивме бавно и лошо!

Vecer | 11.02.2021

Меркел призна: Со пандемијата се справивме бавно и лошо!

Бранејќи ги превземените мерки во борбата против коронавирусот, германската канцеларка Ангела Меркел ја отвори можноста за бавно враќање во нормалното функционирање на општеството, притоа признавајќи некои грешки и доцнења во реакциите по првиот бран на пандемијата.

„Сметам дека променлив курс, малку отворање, малку затворање не носи повеќе од неколку дополнителни денови трпеливост“, рече Ангела Меркел, обраќајќи им се на пратениците во Бундестагот и образложувајќи ја сегашната политика во борбата против коронавирусот.

Таа ја бранеше вчерашната одлука за продолжување на мерките за затворање до 7 март и покрај постојаниот пад на бројот на новоинфицирани, образложувајќи го тоа со опасноста која доаѓа од мутираните соеви на вирусот.

„Мора да очекуваме дека мутираните соеви на вирусот ќе се прошират многу брзо. Тие се навистина реална опасност“, рече Меркел.

Германската канцеларка призна грешки во борбата против ширењето на вирусот по првиот пандемски бран, кој Германија, како што рече Меркел, „добро го издржа“.

„Потоа, не делувавме доволно добро и доволно брзо и ги игнориравме предупредувањата на експертите“, рече канцеларката.

Вчера, на состанокот на раководството на сојузните и покраинските влади, беше одлучено да се продолжат мерките за затворање до 7 март. Единствен исклучок се фризерските салони на кои им е дозволено да започнат со работа на 1 март.

Правилото за максимално ограничување на приватните контакти сè уште важи, односно дека едно лице од едно домаќинство може да контактира само со едно лице од друго.

Меркел пред Бундестагот ја бранеше и одлуката според која отворањето на малопродажни, угостителски, спортски и културни објекти може да следи само со стабилна седумдневна инциденца под 35 новоинфицирани на 100.000 жители.

Инциденцата во Германија постојано се намалува и за четврток изнесува 62.

Опозицијата жестоко ги критикуваше новите мерки како „безидејни“.

„Дури и една година по избувнувањето на пандемијата, владата не предлага ништо друго од ‘Да останеме дома!“. Тоа е безидејно и сигурно постои некоја алтернатива за овој концепт“, рече претседателот на опозициската Либерално-демократска партија Кристијан Линднер.

Десно-популистичката Алтернатива за Германија (АфД) ја обвинува германската влада за кршење на Уставот.

„Она што владата го практикува е неуставно. Владата спроведува погрешна политика на принуда и забрана“, рече претседателката на Клубот на пратеници на АфД, Алис Вајдел.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2024 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2024. Vecer.mk