Норвешка официјално се приклучува кон француското проширено нуклеарно одвраќање, објави францускиот претседател Емануел Макрон по средбата со норвешкиот премиер Јонас Гар Стере во Париз. Макрон го оцени ова како историски чекор кој суштински ќе ја промени европската безбедносна архитектура, потенцирајќи дека Осло е географски и стратешки клучен партнер за одбраната на континентот.
Со овој потег, Франција првпат по 65 години го отвора својот нуклеарен арсенал за поширок европски систем, независно од НАТО и од американската поддршка. Оваа радикална промена на доктрината Макрон ја најави уште во март од поморската база Ил Лонг, со цел да им понуди на сојузниците алтернативна заштита во време кога се зголемуваат стравувањата од намалување на американската посветеност под претседателот Доналд Трамп, но и поради сè почестите нуклеарни закани од Кремљ.
Концептот „предно одвраќање“ и улогата на воената авијација
Новиот стратешки концепт предвидува француските борбени авиони „Рафал“, кои се способни да носат тактичко нуклеарно оружје, редовно да ротираат низ воените бази на европските сојузници и да учествуваат во заеднички воени вежби.
Крајната цел не е Европа да изгради арсенал со големина на рускиот, туку да создаде стратешка неизвесност за Москва во случај на каков било напад врз европска територија. Наместо бројчена рамнотежа, стратегијата се потпира на фактор на изненадување и способност за молскавичен одговор.
Европа се дели: Кој прифаќа, а кој одбива француски штит?
Британскиот весник „Телеграф“ пренесува дека сè повеќе европски земји се подготвени да застанат зад француската иницијатива. Подготвеност за приклучување веќе покажуваат Полска, Германија, Обединетото Кралство, Шведска, Данска, Белгија и Холандија. На спротивната страна, Шпанија и Италија засега цврсто одбиваат да учествуваат во овој нов одбранбен сојуз.
И покрај военото вмрежување со сојузниците, Париз јасно стави до знаење дека црвеното копче останува на едно место. Конечната одлука за евентуална употреба на нуклеарното оружје останува исклучиво во рацете на францускиот претседател.
Франција моментално располага со околу 290 нуклеарни боеви глави, што е значително помалку во споредба со руските над 5.400, но Париз смета дека оваа бројка е сосема доволна за ефикасно одвраќање на каква било воена закана.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата