Рускиот претседател Владимир Путин денес изјави дека Москва не ја исклучува можноста за подобрување на односите со европските земји.
Зборувајќи на состанокот на Советот за безбедност на Русија, Путин рече дека Русија „никогаш не го отфрлила развојот на овие односи, како и нивното обновување“, се наведува во транскриптот објавен од Кремљ.
Путин повторно го наведе соборувањето на промосковскиот украински претседател Виктор Јанукович по масовните протести во 2014 година како причина за раздорот.
Рускиот претседател зборуваше за „пуч“ поддржан од САД и неколку европски земји, пренесува ДПА.
Според него, ова го означи почетокот на „синџир од трагични настани што сè уште се случуваат во Украина денес“.
Советот за безбедност треба да ја разгледа состојбата на односите со европските земји, особено со Европската Унија, заклучи Путин.
На истиот состанок, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров даде оценка за овие односи, но Кремљ не ги објави деталите од неговото обраќање.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата