Пекинг засега останува воздржан и молчелив за сопствената улога во договорот за прекин на огнот меѓу Иран и Соединетите Американски Држави постигнат неделава. Ова се случува и покрај потврдата од Белата куќа дека за време на преговорите се водени разговори на „највисоко ниво“ меѓу американски и кинески официјални претставници, пишува CNN.
На редовната прес-конференција во средата, портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, даде општи одговори на низата прашања за улогата на Пекинг во војната на Блискиот Исток. Таа истакна дека Кина „активно работи на окончување на конфликтот“ уште од самиот почеток.
„Како одговорна голема сила, Кина ќе продолжи да игра конструктивна улога и да дава позитивен придонес во обновата на мирот и стабилноста во регионот на Заливот и поширокиот Близок Исток“, изјави Мао.
Белата куќа ја потврди вклученоста на Пекинг
Неколку часа подоцна, на брифинг во Белата куќа, портпаролката Керолајн Ливит потврди дека изминатите денови, паралелно со преговорите за прекин на огнот во Иран, се одвивале и разговори на високо ниво меѓу САД и Кина. И американскиот претседател Доналд Трамп претходно изјави дека верува оти Кина одиграла одредена улога во поттикнувањето на Иран да прифати преговори за примирје.
Овој претпазлив и одмерен начин на комуникација не отстапува од вообичаениот дипломатски пристап на Пекинг, особено во вака чувствителен момент на кревко примирје, оценува CNN.
Во текот на целиот конфликт, Кина настојуваше да се профилира како „глас на разумот и мирот“. Ова е дел од пошироката стратегија на претседателот Си Џинпинг за зајакнување на кинеското влијание во глобалните безбедносни прашања, истакнувајќи го сопствениот модел на лидерство како алтернатива на американскиот.
Кинеското Министерство за надворешни работи во последните 24 часа објави и графички приказ на 26 „телефонски повици за мир“ кои водечкиот кинески дипломат Ванг Ји ги упатил до своите колеги ширум светот од почетокот на конфликтот. Пекинг веќе извесно време се перципира како клучен актер во мировниот процес, пред сè поради силните дипломатски и економски врски со Техеран, но и поради блиските односи со Пакистан, кој се очекува да биде домаќин на претстојните мировни преговори.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата