Нова ескалација во воената соработка меѓу Москва и Пјонгјанг? Украинскиот претседател Володимир Зеленски тврди дека Русија планира на својата територија да распореди меѓу 30.000 и 50.000 севернокорејски војници, што би претставувало значително зголемување на досегашното воено присуство на силите од Северна Кореја.
Ако на почетокот се зборуваше за стотици, потоа за илјадници, сега е донесена одлука да има од 30 до 50 илјади Севернокорејци на територијата на Русија-, изјави Зеленски во интервју за украинскиот телефонски маратон „Јединствене вести“- пренесе Политика.
Според украинскиот претседател, севернокорејските војници веќе стекнуваат искуство во современото војување, што Пјонгјанг би можел да го искористи во идни конфликти или кризи во Азиско-пацифичкиот регион.
Зеленски оцени дека воената соработка меѓу Русија и Северна Кореја станува сè подлабока и дека Москва на Пјонгјанг му овозможува пристап до современо воено знаење, технологии и искуство од бојното поле.
Украинскиот лидер потсети и дека Северна Кореја веќе ѝ испорачувала муниција и ракети на Русија, кои биле употребени во војната против Украина. Reuters неодамна објави дека севернокорејска ракетна единица од околу 90 припадници била распоредена во руската Воронешка област, со можност за испорака на балистички ракети и лансери.
Зеленски предупреди дека зголеменото присуство на севернокорејски сили не е само прашање поврзано со Украина.
-Северна Кореја ќе стекнува сè повеќе искуство во модерното војување- порача украинскиот претседател, оценувајќи дека соработката со Москва може да има последици и за безбедноста во азискиот регион.
Во исто време, Киев бара дополнително зајакнување на соработката со Јужна Кореја, особено во областа на воздушната одбрана. Зеленски изјави дека Украина е заинтересирана и за соработка во сферата на беспилотните летала.
Доколку проценката на Зеленски за бројката од 30.000 до 50.000 севернокорејски војници се оствари, тоа би претставувало значително зголемување на директната воена поддршка на Пјонгјанг за Москва. Reuters претходно објави дека Северна Кореја веќе испратила околу 14.000 до 15.000 војници во Русија, додека дел од нив останале во областа Курск.
Москва засега не ја потврди оваа најнова проценка на Зеленски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата