Тензиите во Ормутскиот Теснец повторно се заоструваат откако само еден ден по најавата за негово отворање, Техеран упати нови закани за блокада. Претседателот на иранскиот парламент, Мохамед Багер Галибаф, јасно стави до знаење дека доколку САД не ја прекинат поморската блокада врз иранските пристаништа, теснецот нема да остане отворен за сообраќај. Според иранските власти, преминот низ оваа стратешка артерија е можен само по рута утврдена од Иран и со нивна дозвола, додека американските потези се толкуваат како директно прекршување на прекинот на огнот, пишува „Дојче Веле“.
Од друга страна, американскиот претседател Доналд Трамп останува на цврстиот став дека поморската блокада ќе остане во сила сè додека не се постигне конечен договор со Техеран. Иако Иран првично објави привремено отворање на теснецот за време на примирјето кое истекува во среда, Трамп нагласува дека притисокот нема да се намали додека зделката не биде целосно завршена. Сепак, оптимизмот не недостига, со оглед на тоа што американскиот претседател најави нови преговори во текот на викендот и изрази надеж дека решението е на дофат во следните 48 часа.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата