Словачкиот премиер Роберт Фицо најави дека неговата земја во наредните денови ќе поднесе тужба до Судот на Европската унија за да ја оспори одлуката за забрана на увозот на руски гас. Фицо остро го критикуваше начинот на кој е донесена оваа регулатива, нагласувајќи дека одлуките за санкции и надворешна политика мора да се носат со консензус, а не со квалификувано мнозинство, со кое беа заобиколени противењата на Словачка и Унгарија.
Според ставот на словачката влада, ваквото гласање претставува директно кршење на темелните договори на кои почива Европската унија. Забраната за увоз, која треба целосно да се спроведе до крајот на 2027 година, според Фицо, е правно неодржлива доколку не е едногласно прифатена од сите држави членки. Словачка планира да ја поднесе тужбата најдоцна до 27 април, кога истекува законскиот рок.
Покрај тужбата, Словачка ќе побара и привремена мерка за запирање на примената на забраната додека трае судскиот спор. Овој потег е од клучно значење за земјата за да се избегнат сериозни економски последици и енергетска нестабилност, бидејќи без таква мерка Братислава би морала да ги спроведува одлуките на ЕУ уште пред судот да донесе конечна пресуда за нивната законитост.
Словачка и Унгарија остануваат единствените земји во блокот кои сè уште го задржаа снабдувањето со руски гас, и покрај напорите на Брисел за целосно прекинување на енергетската зависност од Русија. Фицо порача дека заштитата на националните економски интереси е приоритет кој не смее да биде загрозен од процедурални одлуки во Брисел.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата