Седумнаесетгодишно момче по име Рикардо Б. почина откако врз него се урна песочен тунел што го копал на плажата Монталто ди Кастро, во северозападна Италија, во близина на границата со регионот Тарквинија.
Рикардо бил на одмор со своето семејство кога се случила несреќата. Тој ископал тунел низ песокот, сакајќи да помине од едната на другата страна, но тунелот одеднаш се срушил токму кога тој се нашол на средина, закопувајќи го целосно без трага.
Очевидци изјавиле дека ништо не било видливо однадвор и дека некој можел да помине покрај местото без да забележи што се случило. Еден локален жител истакна дека песокот е исклучително тежок кога се урива, што го отежнува дишењето и спасувањето.
Таткото, спасувачите и луѓето од плажата се обиделе да го ископаат со голи раце, но службите за итни случаи пристигнале предоцна - момчето веќе било мртво.
Рикардо живеел во Рим и тој ден бил на плажа со својот татко и помладите браќа. Потрагата започнала околу 15:00 часот, кога семејството забележало дека го нема.
Градоначалничката на Монталто, Емануела Сокарели, изјави дека оваа трагедија длабоко ги потресла сите и дека е незамисливо еден млад живот да биде изгубен на таков начин.
Во знак на почит, сите јавни настани планирани за петок, 11 јули, се откажани, а локалните власти изразија најдлабоко сочувство до семејството.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата