Во момент кога тензиите на Блискиот Исток полека прераснуваат во глобален конфликт, вниманието се насочува кон претседателот на САД, Доналд Трамп. Тој претходно се афирмираше како поборник за мир и најавуваше дека може брзо да најде решение за конфликтот во Украина. Денес, меѓутоа, се чини дека последните случувања го ставаат во позиција потенцијално да го поддржи Израел со воени средства против Иран, што би му донело политички поени на домашен терен.
По враќањето од Г7, Трамп итно го свика советот за национална безбедност, а на социјалните мрежи остави неколку објави што создадоа впечаток дека САД се подготвени да се вмешаат во евентуалните напади против Иран.
„Имаме потполна контрола над иранскиот воздушен простор. Знаеме каде се наоѓа врховниот водач на Иран, но засега нема да преземеме мерки против него“, напиша Трамп. Воедно, му порача на официјален Техеран дека очекува безусловна капитулација.
Пет последователни дена борбени операции ги ослабија иранските капацитети, а Израел најавува дека има шанса да ја неутрализира нуклеарната програма на својата ривалска држава. Но, за финален удар би му била неопходна соработката со САД, а токму републиканскиот лидер треба да реши – да избере дипломатска или воена интервенција.
„Првата опција е дипломатијата, но Трамп веќе сигнализираше по враќањето од Канада дека верува дека времето за разговори е завршено. Тоа значи дека останува втората опција – да се вмеша директно и да помогне на Израел во нападите врз Иран. Клучната цел за евентуална американска поддршка е нуклеарната централа Форто, која се наоѓа во планински предел и до која Израел не може да допре без специјално оружје што го поседуваат единствено САД“ – коментира Метју Ли од американската новинска агенција.
Ако САД решат да интервенираат, тоа би можело да ги разниша позициите на самиот Трамп меѓу неговите поддржувачи, кои очекуваат американското вмешување во странски војни да биде исклучок, а не правило.
Паралелно, министерот за одбрана на Израел, Израел Кац, денеска предупреди дека ќе насочи напади против „значајни цели“ во Техеран и испрати директна закана до врховниот ирански лидер Али Хаменеи.
„Ако продолжите со ракетирање и напади врз цивилите во Израел, вашата судбина ќе ја споделите со поранешниот лидер на соседен Ирак“ – рече Кац, алудирајќи на екс-претседателот на Ирак, Садам Хусеин, кој беше егзекутиран во 2006 година.
Израелската страна тврди дека нападите врз иранските воени челници, постројки за збогатување ураниум и нуклеарни експерти се нужни со цел да се спречи исламската држава да дојде до нуклеарно оружје.
Од почетокот на последната ескалација, бројот на жртви расте: најмалку 224 лица го загубија животот како резултат на израелските напади, а Иран возврати со над 370 ракети и стотици дронови кон Израел, притоа убиени се 24 лица и над 500 се ранети.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата