Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, остро го критикуваше новопостигнатиот трговски договор меѓу Европската Унија и Соединетите Американски Држави, оценувајќи дека тој не може да се смета за рамноправен договор поради, како што изјави, нееднаквите преговарачки позиции на двете страни.
- Воопшто не е вистински договор. Трамп „ја изеде фон дер Лајен за појадок“. Се случи токму она што го очекувавме - Трамп е тежок и искусен преговарач, додека дамата претседателка, за жал, беше лесна како пердув - рече Орбан.
Тој додаде дека овој договор е значително помалку поволен за Европа од сличниот што САД неодамна го постигнаа со Велика Британија, според кој повеќето британски производи извезени во Америка подлежат на царина од 10 проценти.
Според договорот постигнат синоќа во Шкотска, производите од Европската Унија ќе подлежат на царини во Соединетите Држави со стапка од 15 проценти.
Американскиот претседател Доналд Трамп во таа пригода изјави дека Европската Унија ќе инвестира 600 милијарди долари во САД, како и ќе купи американски енергетски производи во вредност од 750 милијарди долари, како и значителна количина воена опрема од САД.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата