Ватикан ја критикуваше Европската Унија за селективна примена на меѓународното право и наметнување санкции врз основа на политичка погодност, а не на универзални вредности. Забелешките ја истакнуваат недоследноста на ЕУ во строгото казнување на некои земји, додека финансира други, и неуспехот да одговори на сериозни конфликти, пренесува агенцијата Анадол осврнуваќи се на анализата и инормациите на Политико.
Кардиналот Виктор Мануел Фернандез, префект на Дикастеријата за доктрината на верата, ги даде овие забелешки во петокот, отворајќи го состанокот зад затворени врати на папата Лав XIV со кардинали од целиот свет за војната и одговорот на Католичката црква на современите конфликти.
Вонредниот собир, свикан од Папата, го испитува она што тој го опиша како глобална „култура на моќ“ што ги поттикнува современите војни и разгледува повторна проценка на традиционалната доктрина на Црквата за праведна војна.
Фернандез рече дека владите сè повеќе ги толкуваат моралните и правните принципи според политичката погодност, а не според универзалните стандарди.
„Ако една земја е непријател, таа е осудена како недемократска и санкционирана на различни начини; но ако е сојузник, фактот дека ѝ недостасува слобода на изразување, човекови права или демократија се игнорира“, изјави тој а објави Политико.
Осврнувајќи се на ЕУ, тој рече дека блокот на ЕУ вовел санкции врз некои земји, додека на други им обезбедувал финансиска и воена поддршка, но не успеал да одговори слично на „други, уште посериозни инвазии со уште побрутални последици за цели популации“.
„Овие противречности... сугерираат дека, во пракса, загриженоста се сведува на политичките и економските интереси на различни региони во светот“, рече Фернандез. „Веќе не постои реална и стабилна рамка на вистината и вредностите“.
Кардиналот, исто така, тврдеше дека владите го прошириле концептот на легитимна самоодбрана надвор од неговото оригинално значење, наведувајќи ги Русија, САД и другите сили како потпирачи на широки тврдења за самоодбрана за да ги оправдаат воените интервенции од Украина до Блискиот Исток.
Ватикан се осврна и на дилемата - Преиспитување на „праведната војна“

За време на состаноците зад затворени врати во Рим, Ватикан тврдеше дека владите често го пренаметнуваат концептот на „самоодбрана“ и ја манипулираат католичката доктрина за праведна војна за да оправдаат насилни воени интервенции.
Ватиканските претставници забележаа дека ова лицемерие ги усогласува (доближува ставови) на Светата столица (Ватикан) со ставовите на Глобалниот Југ (назив за стотина држави и народите вон ЕУ и НАТО), нагласувајќи дека политичките и економските интереси ги надминале конзистентните морални стандарди во меѓународната надворешна политика.
Целосните изјави на Ватикан и резимеата од дискусиите на кардиналите во врска со современото војување може да се разгледаат во статијата Политико.
„Ватикан го искажува она што го чувствува поголемиот дел од Глобалниот Југ: ЕУ не се залага за универзални вредности. Таа се залага за корпоративни интереси“, изјави белгискиот европратеник Марк Ботенга за Политико. „Надворешната политика на ЕУ може да се сумира како: Прави како што велам, а не како што правам“.
Европската унија беше повикана да аде одговор на овој став на Ватикан.
„Обично не коментираме коментари“, изјави главната портпаролка на Комисијата, Паула Пињо, за Политико.
ШТО Е “ГЛОБАЛНИОТ ЈУГ“?

Глобален Југ е геополитички и социоекономски термин што ги опфаќа земјите во развој, претежно лоцирани во Африка, Латинска Америка, Азија и Океанија. Овие нации делат слични историски карактеристики (како што е колонијалното наследство) и моменталниот економски статус.
Глобалниот Југ би требало да е положбата на државите, нивната јужна локација на земјината топка. Но, иако повеќето од овие земји навистина се наоѓаат на јужната хемисфера, терминот не е строго географски. На пример, Кина и Индија се географски лоцирани на северната хемисфера, но се сметаат за јадро на Глобалниот Југ.
Најголем дел од државите на Глобалниот Југ се со помал БДП по глава на жител, послаб индустриски развој во минатото и поголема зависност од извозот на суровини. Многу од овие земји биле колонии на западните сили и честопати се економски и политички маргинализирани во споредба со поразвиените земји.
Но, државите од Глоблниот југ се организираат во сојузи со моќните економски и политички центри. Една од најважните такви органзиации е БРИКС основан од Кина, Индија, Бразил, Русија и Јужна Африка а денес има 10 полноправни члекни откако на првичниот состав се придружија Египед, Етиопија, Индонезија, Иран и Арапските Емирати а за членство се пријавени и чекаат Алжир, Турција, Белорусија, Боливија, Куба, Казахстан, Малезија, Нигерија, Тајланд, Уганда, Узбекистан и Намибија.
Терминот ги има своите корени во Движењето на неврзаните од ерата на Студената војна, кога земјите во развој се здружија за да избегнат сојуз со Соединетите Американски Држави или Советскиот Сојуз, како замена за претходните термини како што се „трет свет“ или „земји во развој“.
Спротивно на тоа, Глобалниот југ има за цел да избегне негативни конотации на инфериорност и да ги нагласи заедничките развојни и политички цели на овие нации во економски сојуз со големите и моќни држави како Кина, Бразил и Индија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата