Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп постигна трговски договор со Кина за време на денешните разговори во Женева, објави Белата куќа.
Во соопштението се вели дека во Женева имало „продуктивни разговори“ и е најавен брифинг за утре на кој ќе бидат објавени деталите од договорот, објави Дејли Меил.
Американскиот министер за финансии Скот Бесант изјави дека е постигнат значителен напредок во многу важните трговски преговори меѓу САД и Кина.
Бесант беше во Швајцарија овој викенд на дводневни трговски разговори со Кина на неутрална територија.
Во американската делегација беше и трговскиот претставник Џејмисон Грир.
Кинеската делегација ја предводеше вицепремиерот Хе Лифенг.
За време на овие разговори, двете страни разговараа за тоа како да се деескалира трговската војна што се заканува да предизвика голема штета на глобалната економија.
Трамп, исто така, рече дека е постигнат „голем напредок“ во тековните преговори меѓу САД и Кина за царините.
Тој и Бесант се сретнаа во Женева по неколку недели зголемени тензии, бидејќи царините за увоз меѓу двете најголеми економии во светот беа зголемени на повеќе од 100 проценти.
Трамп во петокот изјави дека царината од 80 проценти за кинескиот увоз „се чини исправна“, сугерирајќи за прв пат конкретна алтернатива на царините од 145 проценти што ги воведе за кинескиот увоз.
Трамп посочи дека преговорите за намалување на американските тарифи биле иницирани од Кина.
Пекинг соопшти дека САД побарале разговори и дека политиката на Кина за спротивставување на американските тарифи не се променила.
Ројтерс објави дека САД се стремат да го намалат трговскиот дефицит со Кина, додека Пекинг се спротивставува на она што го смета за странско мешање и сака Вашингтон да ги намали царините за увоз на кинески стоки и да се однесува кон Кина како кон рамноправен партнер на светската сцена.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата