logo
logo
logo

ШЕСТА НОЌ АМЕРИКАНСКИ УДАРИ ВРЗ ИРАН - Техеран ги таргетира земјите од Персискиот Залив

Vecer | 17.07.2026

ШЕСТА НОЌ АМЕРИКАНСКИ УДАРИ ВРЗ ИРАН - Техеран ги таргетира земјите од Персискиот Залив

САД во шеста последователна ноќ извршија напади врз цели во Иран. Според иранските медиуми, при нападите врз мостови загинале седум лица. Иран одговорил со напади врз земјите од Персискиот Залив, пренесува Ројтерс.

Според извештаите на иранските медиуми, американската војска нападнала два моста и еден аеродром.

Во нападите врз провинцијата Хормозган во јужен Иран биле погодени, меѓу другото, мостовите Кахурестан и Гаривех, кои се наоѓаат на важни сообраќајни правци во провинцијата, објави новинската агенција „Фарс“, повикувајќи се на локалните власти. Според иранската државна телевизија, во нападите загинале најмалку седум лица.

Државниот радиодифузен сервис ИРИБ, исто така, соопшти дека бил извршен ракетен напад врз аеродромот во Ираншахр, во југоисточниот дел на земјата. Пожарите што избувнале по нападот во меѓувреме биле изгаснати, но снабдувањето со електрична енергија на аеродромот било прекинато.

Според соопштение на американската страна, нападната била контролна кула во иранското пристаниште Чабахар, при што објектот бил урнат.

Пристаништето се смета за важна трговска врска кон Авганистан. Иранските државни медиуми првично потврдија дека имало напад, но не потврдија дека контролната кула се урнала.

Иранските власти соопштија дека кулата служела за надзор на комерцијалниот бродски сообраќај во пристаништето. Сепак, паравоената Револуционерна гарда исто така управува со објекти во пристаништата низ цел Иран.

Земјите од Персискиот Залив повторно под ирански напад

Иранската армија соопшти дека со беспилотни летала нападнала американски хеликоптери и извидувачки авиони во базата Сахир во Бахреин. Ова го објави иранската новинска агенција „Тасним“. Засега нема информации за евентуална штета.

Цел на иранските напади бил и Катар. Рано утрото денеска (петок, 17.07.2026) властите во земјата ја предупредиле јавноста за можен ирански ракетен напади ги повикале граѓаните да побараат засолниште.

Жителите пријавиле експлозии на небото додека системите за противвоздушна одбрана се обидувале да ги пресретнат ракетите. И противвоздушната одбрана на Кувајт била активирана против ирански ракетни и напади со дронови, соопшти во текот на ноќта војската на американскиот сојузник преку платформата Икс.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk