Декласифицираниот извештај на американската разузнавачка заедница за претседателските избори во 2020 година открива нови пикантерии за влијанието на странските сили во изборниот процес. Според официјалниот документ објавен од Белата куќа, Русија наводно се обидувала да влијае врз гласачите во корист на Доналд Трамп, додека тогашната германска канцеларка Ангела Меркел силно посакувала Трамп да не освои втор претседателски мандат.
Русија го „рушела“ Бајден преку Украина, Меркел сакала крај за Трамп
Во извештајот, кој го координираше Националниот разузнавачки совет (тело во кое се слеваат податоците од сите 18 американски разузнавачки агенции), без директно изнесување на крунски докази се тврди дека лица поврзани со Москва на социјалните мрежи воделе сериозна кампања. Нивната цел била да го дискредитираат тогашниот кандидат Џо Бајден, ширејќи информации за наводни корупциски врски на неговото семејство во Украина. Русија и претходно во неколку наврати категорично ги отфрли ваквите обвинувања.
Од друга страна, документот нотира дека германската канцеларка Ангела Меркел „речиси сигурно“ претпочитала победа на Бајден. Како клучна причина за ваквиот став на Меркел се наведуваат нејзините длабоки лични судири и несогласувања со Трамп за време на неговиот мандат. Разузнавачите потенцираат дека и многу други странски политички актери имале свои преференции за тоа кој да победи на изборите во 2020 година.
Трамп со тешки обвинувања до Пекинг: Кина украде податоци на 220 милиони гласачи!
Реакцијата на поранешниот претседател Доналд Трамп беше експлозивна. Во вонредно телевизиско обраќање во ударен термин, тој ја обвини Кина за директно и масивно мешање во изборниот процес и истакна дека американскиот гласачки систем е шокантно ранлив.
Трамп објави дека лично ја тргнал ознаката за тајност од стотици разузнавачки досиеја кои наводно докажуваат дека Пекинг се обидел да го намести резултатот во корист на Бајден.
„Кина нелегално дошла до 220 милиони досиеја на гласачи, вклучувајќи ги нивните лични информации. Податоците во 18 сојузни држави беа купени, украдени или хакирани од Кина. Оние кои беа одговорни за алармирање, намерно го сокриле ова откритие од владините претставници и од Конгресот“, обвини Трамп во својот говор, три месеци пред конгресните избори.
Сепак, Трамп во своето обраќање не презентираше конкретни докази дека Кина навистина ги искористила овие информации за да ги измени гласовите или да влијае на крајниот исход.
Кинезите демантираат, американските разузнавачи со спротивен став
Тврдењата на Трамп директно се судрија со претходните заклучоци на американската разузнавачка заедница, која во официјалните анализи претходно утврди дека Кина не се мешала во изборите во 2020 година.
Веднаш по говорот на Трамп, со официјална реакција се јави и кинеската амбасада во Вашингтон, која остро ги отфрли ваквите обвинувања:
„Кина никогаш не се мешала и никогаш нема да се меша во американските претседателски избори.“
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата