logo
logo
logo

Продолжува комплицираната спасувачка акција на Малдивите: ИЗВЛЕЧЕНИ ДВЕ ТЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ НУРКАЧИ

Vecer | 19.05.2026

Продолжува комплицираната спасувачка акција на Малдивите: ИЗВЛЕЧЕНИ ДВЕ ТЕЛА НА ИТАЛИЈАНСКИ НУРКАЧИ

Фински нуркачи денеска ги извлекоа телата на двајца Италијанци кои настрадаа длабоко во подводна пештера на атол на Малдивите, изјави официјален претставник на таа земја.

Спасувачите на Малдивите вчера ги лоцираа телата на четворица од вкупно петмина италијански нуркачи, за кои се веруваше дека се наоѓаат длабоко во внатрешноста на подводна пештера на еден атол. Тие исчезнаа во четвртокот. Телото на петтиот Италијанец, кој бил инструктор по нуркање, беше пронајдено претходно пред пештерата.

Потрагата по италијанските нуркачи продолжи вчера, по прекинот поради загинувањето на воен нуркач од Малдивите за време на потрагата во саботата.

Планот е утре од подводната пештера да бидат извлечени уште две тела.

Портпаролот на претседателот на Малдивите денеска објави дека две тела се веќе извлечени.

Портпаролот на владата на Малдивите, Ахмед Шам, претходно изјави дека тројца фински нуркачи ќе ги извлечат телата кои се наоѓаат на длабочина од околу 60 метри.

Лимитот за нуркачи-аматери на Малдивите е длабочина од 30 метри, додека за длабочини поголеми од 40 метри се бара специјализирана обука и опрема.

Владата на Малдивите, островска земја во Индискиот Океан, вчера соопшти дека фински стручни нуркачи, со поддршка на полицијата и војската на Малдивите, ги лоцирале телата на Италијанците во најоддалечениот дел од подводната пештера.

„Како што се мислеше и претходно, четири тела беа пронајдени во пештерата, и тоа не само во нејзината внатрешност, туку далеку во третиот сегмент на пештерата, кој е нејзиниот најголем дел“, изјави портпаролот на владата, додавајќи дека четирите тела главно биле пронајдени заедно.

Петмината Италијанци ја истражувале пештерата на длабочина од околу 50 метри во атолот Вааву во четвртокот, соопшти италијанското Министерство за надворешни работи.

Првите истражни тимови веќе нуркаа за да го идентификуваат и обележат влезот во системот од пештери каде што исчезнаа Италијанците.

Четири од италијанските нуркачи беа дел од тим од Универзитетот во Џенова – професорката Моника Монтефалконе, нејзината ќерка Ѓорѓа Сомакал и истражувачите Муриел Оденино и Федерико Галтиери. Петтиот, кој беше пронајден претходно, бил управител на бродот и инструктор по нуркање, Џанлука Бенедети.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk