Следниот папа мора да се фокусира на сексуалната злоупотреба од страна на католички свештеници, изјавија денес активисти, критикувајќи го недостатокот на акција од страна на последните тројца поглавари на Римокатоличката црква, Франциск, Бенедикт XVI и Јован Павле II, по ова прашање.
„Веруваме дека тоа треба да биде централното прашање на конклавата“, рече Питер Ајли, еден од основачите на групата за поддршка на жртвите на злоупотреба SNAP во Рим, презентирајќи веб-страница што ги следи наводите за прикривање од страна на високи црковни претставници.
Папата Франциск, кој почина на 21 април, еднаш ги повтори ветувањата за „нулта толеранција“ дадени од неговиот претходник Бенедикт XVI и воведе неколку реформи за решавање на проблемот.
Сепак, активистите тврдат дека спроведувањето на овие мерки не било задоволително, пренесува Ројтерс.
Бенедикт беше обвинет во извештај од 2022 година за непреземање мерки во врска со наводните случаи на сексуална злоупотреба кога беше надбискуп на Минхен од 1977 до 1982 година.
Бенедикт XVI, кој поднесе оставка од папската функција во 2013 година и имаше 94 години кога беше објавен извештајот, подоцна ги призна грешките и побара прошка пред да почине во 2022 година.
Бенедикт, Франциск и Јован Павле Втори, исто така, се соочија со критики за нивното справување со починатиот поранешен американски кардинал Теодор Мекарик.
Јован Павле Втори, кој ја водеше Црквата од 1978 до 2005 година, е обвинет и за тоа што не реагирал на злосторствата на покојниот мексикански свештеник Марсијал Масиел, собирач на средства на Ватикан, кој исто така беше педофил.
„Правиме сè што можеме за да ја предизвикаме хиерархијата да избере некој што нема иста историја како што ја имаше Франциск, Бенедикт, Јован Павле Втори“, рече Сара Пирсон, друга претставничка на SNAP.
Сексуалната злоупотреба беше меѓу прашањата што кардиналите ги покренаа во подготвителните дискусии пред конклавата следната недела, соопшти Ватикан во понеделник.
SNAP и други групи на преживеани побараа сите свештеници за кои е докажано дека се сексуални предатори да бидат екскомуницирани од Црквата, а епископите или кардиналите прогласени за виновни за прикривање да бидат лишени од нивните моќни позиции.
Кардиналот кој беше дисциплиниран по обвинувањата за сексуална злоупотреба, Жан-Луј Ќипријани Торн, учествува во разговорите пред конклавата, но нема да учествува на папските избори бидејќи е над максималната возраст за гласање од 80 години.
Ќипријани ги негираше обвинувањата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата